Home Live Емотивна приказна на легендарниот новинар: Кога ни заминува некој драг, заминуваме и...

Емотивна приказна на легендарниот новинар: Кога ни заминува некој драг, заминуваме и ние заедно со него

Емотивен статус, тоест емотивна приказна во која секој од нас може да се пронајде или да пронајде некој свој, споделил Драган Б. Костиќ, легендарниот радио и ТВ новинар.

– Сакам пријатели мои да ви пренесам еден текст. Кој утринава бајаги ме трогна. Една животна приказна, топла емотивна, како оние на Балашевиќ…за нештата кои не опкружуваат а кои се сведоци за нашите состојби, тага, радост, секојдневие.

И како реакција, ме разгневи фактот дека само неколкумина го прочитале и уште помалку ја искажале својата почит кон раскажаното со фамозниот лајк.А да беше некоја политичка бљув отина….уфф.

Подолг е текстот.А кога ќе заврши ќе ви биде криво.

Zoran Kasap Stojanovski ТОПОЛА

-Еден ден пред да поч ине, Ацко куварот ми рече: „Сега ми е се’ како што треба. Направивме крштевка за внучињата, синовите и снаите ми поседоа на гости и сега јас само ќе шетам! Од едниот син во Шведска, до другите двајца до Германија. Ќе летам…

Веќе утредента тој одлета засекогаш. Го снема како таа бледа, бела линија зад авионот што помина над осамената топола во полето. Останаа само спомените. И секогаш кога го шетам кучето покрај истата таа осамена топола во полето, надоаѓаат слики:

Ацко и неговиот колега Бушо, скришум ми наставале триста чуда по џебовите на сакото, непосредно пред да зборам на важен состанок. И потоа јас збунето мафтав со кромиди и компири пред значајни луѓе како да удирам печати…

Не им се лутев. Не ми се лутеа ни тие мене кога им возвраќав со слични палавости. Зашто се смеевме како деца…

Ацко не ни сонуваше дека неговиот колега Бушо, помлад и од мене и од него, ќе замине и тој набрзо по него. Како што замина и Поповиќ, помлад и од Бушо. Како што заминаа пред тоа Тошо, Здравко, Среќко…

Од сите тие стресови после конфликтот 2001-та, од сите тие преселби на Воспитно поправниот дом, по сите тие градови и за твори…

Осамената топола во полето ги знаеше сите стресови, сите муабети со Ацко куварот и сите планови додека ми помагаше да ја изградиме мојата куќа и сите јадови додека му го местеле првиот, вториот, третиот стент…

И сите мои прекорувања да не остава вреќички со компир и кромид пред мојата врата на секое поминување. А Ацко само ќе кажеше: „Не кажувај многу гачки.“

Сите мои гачки ги вртев јас тука околу големата топола во нејзината долга сенка .Таа беше најсмирениот слушател на сите јадови.

Таа беше највеличествениот ориентир за да знам на која страна мириса поленот во багремите по кои летаа пчелите. И во кој правец на светот заминуваат авионите… И пред некој ден ја исекоа тополата.

Со векови наназад, нашите стари саделе тополи по полето за да се заштитат од громови ако ненадејно наиде невреме. А денес луѓето ја исекоа последната топола во полето, за да се греат зимава неколку дена.

И сега, додека моето куче лае на некој еж кој заглавил во дупката каде што беше тополата, пак наидуваат тие слики: Тука ја учев помалата ќерка да вози велосипед. Тука таа и другарка и Јована играа жмурки и го галеа кучето додека растеше и тоа и тие.

Тука постарата ќерка пробуваше гаражирање и паркирање пред да полага за возачка. Тука им ја рецитирав песната за крушата добра на Есенин, и го слушавме Балашевиќ на мобилен: „Не ломите ми багрење“…

Никогаш ни на сон не ми дошло дека е можно да плачам за една топола. А плачот одзвонуваше во моите чекори покрај местото кај што беше тополата и се претвораше во текст на Стефан Симиќ:

„Кога ни заминува некој драг, не боли см ртта, туку боли се’ она што доаѓа потоа. Боли празнината која никогаш нема да биде пополнета.

Боли неможноста уште нешто да направиме за него. Болат зборовите кои не сме ги рекле, а сме можеле. Болат солзите. Болат спомените. Боли молчењето. “

Не сум од оние луѓе што гушкаат дрвја. Но сега ми беше криво што не ја гушнав таа топола барем еднаш, барем да ја погалев со рака нејзината избраздена кора. Вечерта ја барав тополата насекаде. Како да го барав својот изгубен потенцијал за раст.

Како да го барав превртеното мерило за вистинската величина на нештата. Како да сакав уште еднаш да го најдам тоа чувство на осаменост сред огромно поле и таа сила на инаетот што оди заедно со тоа чувство.

И ја најдов тука, во еден двор покрај патот. Лежеше падната во калта и исечена како осакатени делови од тело на некој најдраг човек. И почнав да ја галам, како да ја галев младостта на своите деца.

И додека ги галев тие испосечени трупци еден по еден, ми се чинеше како да се ракувам уште еднаш со Ацко куварот и Бушо егеецот и Тошо филозофот и Здравко шефот и Поповиќ командирот…

Како да ги галев сите луѓе кои ги нема. Кои никогаш не помислиле дека баш утре ќе ги снема. Како што ни вие ни јас не помислуваме колку брзо ќе ни дојде крајот, и не наоѓаме време да се гушнеме вистински при секоја средба.

Среќа врнеше па немаше никој да помине. Можеше да се чудат луѓето ако видоа како галам наврнати трупци во туѓ двор. А јас само се галев себеси додека дождот рецитираше стихови од Стефан Симиќ:

„Кога ни заминува некој драг, заминуваме и ние заедно со него. Еден дел од нас, можеби најубавиот… Кога ни заминува некој драг, не боли само неговата см рт туку и животот кој можел уште да трае, а згаснал… и кој баш заради неговото згаснување се претворил во сеќавање…“

А врнеше уште долго, без престан, и ладни капки дожд паѓаа по осакатеното тело на тополата, по мене, по земјата“, споделил Драган Б. Костиќ.

Previous articleПетре Шилегов ги дочека своите 5 минути – еве како ги коментира актуелните случувања во Скопје
Next articleТања Кочовска е откачена баба, објави слика како го чува внукот, алал да ѝ е (ФОТО)