Home Live Проф. Даниловски: Пандемиската криза ни покажа дека „разумот“, во основа, ни останал...

Проф. Даниловски: Пандемиската криза ни покажа дека „разумот“, во основа, ни останал на средновековно ниво!

Статус на проф. д-р Драган Даниловски: ВО ПОТРАГА ПО ФЕНИКСОТ

„Полека, но сигурно, ковидот отстапува пред моќниот одбранбен систем на Човекот. По којзнае кој пат, еден микро-предатор, по своето „телесно“ устројство наоѓајќи се на самата граница меѓу живото и неживото, доживува пораз пред најсовршената биолошка творба на планетава.

Која не е само „гола“ биологија… туку и „разум“ поседува. „Разум“? Зошто во наводници? Зашто, потребна беше само една ваква, глобална, пандемиска криза, за да нѐ тресне в чело една непријатна вистина!

Дека „разумот“, во основа, ни останал на средновековно ниво! Џабе бил сиот технолошки развој, од откритието на тркалото, па до вселенските летала… Со секое ново откритие, како сѐ повеќе да го зголемува(в)ме ризикот да се самоуништиме! Како мало дете кога ќе се добере до ќибрит…

Се покажа недвосмислено, развојот на разумот, колективната свест, не држеше чекор со развојот на науката, технологијата… На што се должи таа дискрепанца?

На недостиг ли на стимул, заради тоталната незаинтересираност на денешните општества за своите граѓани? На килавото образование ли?

На нефункционалните семејства ли, налик на она на Чичко Горио во истоимениот роман на Балзак, во општества „холограми“, во кои главниот „спиритус мовенс“ се парите? „Парите се живот! Парите се сѐ!“, воскликнува чичко Горио.

Во општества во кои царува расипаноста, измамата, лагата, чесниот човек не може да успее и да го достигне врвот на скалата, ако не ги прифати тие правила на борба. Како Ежен де Растињак…

За потоа, поимот „растињак“ да стане синоним за човек подготвен на сè во намерата да си ја подобри својата општествена состојба. Сите се претворивме во „растињаци“…

Еволуција ли е тоа или инволуција од почетокот на XIX век (кога е пишуван „Чичко Горио“) до денес? Згора, „големата слика“ на денешните општества сѐ повеќе заличува и на платната на Питер Бројгел Постариот. Или Хиеронимус Бош. Технолошкиот развој, пак, од своја страна, се одвиваше со „чекори од седум милји“…

Последниве речиси три години ја изодевме, сите топтан, нашата „виа долороза“. Искушенијата, страдањата, сите мислевме, се очекува да водат кон измудрување, отрезнување, збивање на сопствените редови. Во заблуда сме биле!

А познато е, „несреќата никогаш не доаѓа сама“. Зашто, на пандемиите редовно се надоврзувале социјални, економски, политички кризи. Сведоци сме, историјата и сега се повторува.

Истовремено, сведоци сме на една масовна, несфатлива индиферентност на обичниот човек за сопствената судбина! Кај отиде нагонот за самоодржување во ситуација на сѐ поголема сиромаштија? Па, ако сакате, и во ситуација на заканувачка глобална апокалипса…

Што ли е во прашање? Тешка ли резигнираност, апатија и летаргија, „замор на материјалот“ по долготрајната криза со ковидот?

Дали, „уљуљкани“ во лажната сигурност, заради секому достапните техничко-технолошки придобивки, го запретавме некаде во потсвеста инстинктот за самоодржување? Или можеби, има(в)ме проблем и со когнитивниот капацитет? Или се работи за комбинација на сите елементи заедно?

Каде е „гласот на разумот“? Можно ли е интелигенцијата да е до таа мера престрашена и импотентна, што останува нема? Се разбира, секоја чест на исклучоците!

Но, ја чини ли пролетта „една ластовица“? Нивните предупредувачки крици како да се гласови во пустина!

Конечно, се остварува ли е претпоставката за цикличен, „природен“ подем и пад на цивилизациите? Нѐ чека ли судбината на Сумерите? Ќе почнеме ли сѐ од почеток? Ќе има ли, воопшто, кој да почне?

Се надевам, искрено, дека нема да ја дотераме дотаму! Се надевам, искрено, дека ќе преовладее гласот на разумот! Се надевам, искрено, дека ќе смогнеме сили да ја надминеме апатијата и летаргијата!

Се надевам, искрено, дека имаме – сѐ уште – сили да се издигнеме како „феникс од пепелта“! Зашто, алтернатива нема!“

Previous articleГавазова и Јасмин уживаат во викендот како што заслужиле и покажаа колку се заљубени еден во друг (ФОТО)
Next articleПејачката сподели видео од атмосферата – Македонците од Њу Џерси сношти пееја во еден глас со Лепа Брена (ВИДЕО)