Home News Трифун Костовски раскажа како се изненадил во Виена на аеродром – „непознатиот“...

Трифун Костовски раскажа како се изненадил во Виена на аеродром – „непознатиот“ човек бил всушност негов школски другар

Бизнисменот Трифун Костовски, изминатите две години, покрај анализите за актуелните случувања, на својот профил на социјалните мрежи, многу често раскажува и за животни случки, неговите другари, семејството.

Неговите колумни, кои будат спомени се многу читани, а завчера тој опиша една необична случка:

КОЛУМНА – Мојот другар Вања

„Денес ќе пишувам за мојот другар Вања Бојков кој нема прекар – едноставно бил и останал Вања. Нашето другарување отпочна уште во Основното училиште „11 Октомври“ и трае до ден денес. Интензивното другарување со Вања започна од 90-те години наваму, а нè спои токму Женскиот ракометен клуб „Ѓорче Петров“.

Да напоменам дека по завршувањето на основното училиште тргнавме на различни страни, така што низ периодот од средно училиште, факултет и професионалната работа до 90-те години, немавме честа можност да комуницираме.

Вања, со завршен правен факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ долги години ја водеше фирмата Мак-Транс која во минатото претставуваше силен бедем за камионскиот сообраќај во тогашна Југославија, важеше за успешен и принципиелен директор.

За Вања нè врзува и неговата сопруга Лиле, наша заедничка школска другарка од осмолетка. Фактот што и денеска се заедно, збогатени со ќерка и внуци, говори за еден складен брак, благородни и одговорни сопружници кои цел живот си припаѓаат еден на друг.

Првото видување со Вања Бојков, после долги години, беше на аеродромот во Виена, каде допатува со женскиот ракометен клуб „Ѓорче Петров“ да го одигра реваншот од мечот во квалификациите за Лига на шампиони со тогашниот многу моќен женски ракометен клуб „Хипо-Виена“.

Првата средба беше спонтана и силна. Знаев дека доаѓа некој Вања Бојков, ама презимето ништо не ми значеше и не знаев кој е тој Вања Бојков. Вообичаено во основното училиште не ги паметевме презимињата туку имињата со додадените прекари.

Со Вања се немавме видено повеќе од 3,5 децении, но времето како да застанало. При првото видување веднаш се разбудија спомените за нашето прекрасно детство по училишните класови, ходници, дворови и игрите кои беа составен дел од нашето секојдневие.

Оваа средба со мојот другар Вања во Виена, каде ja вршеше функцијата Претседател на женскиот ракометен клуб, беше толку емотивна што за неполни два месеца, јас и мојата фирма „Кометал“ станавме главни спонзори на клубот.

Додавката „Кометал“ беше ставена на инсистирање на Вања, бидејќи јас во моето спонзорство не поставив никаков услов за моја лична или промоција на моите фирми.

Несомнено, една од најубавите приказни за спортот во самостојна Македонија, говорам за тимски спортови, е приказната и вистинита за „Кометал-Ѓорче Петров“. Овој женски ракометен клуб веќе од следната година, своите настапи на Европските натпреварувања ги засили и така знаевме дека имаме основа за амбиција, дека еден ден ракометарките ќе бидат Европски шампионки.

Кога е во прашање женскиот ракометен клуб Кометал-Ѓорче Петров, не можам да не заклучам дека цела Македонија со сите свои граѓани без разлика на нивната етничка и верска припадност пулсираа со едно име „Ѓорче“ или „Кометал“.

Од денешен аспект ми изгледа многу романтично што овој ракометен клуб ги собра на едно место и најсилните непријатели меѓу себе, покажувајќи дека без разлика дали политичките субјекти припаѓаат на власт или опозиција, дали поддржувачите на клубот се христијани или муслимани, остануваа единствени за цела Македонија со еден заеднички именител Кометал-Ѓорче Петров.

Со тага размислувам, гледајќи ја денешната реалност каде секој со секого е непријател и преовладува говорот на омраза, дали може да создадеме нешто чиј заеднички именител би бил достоинствена и чесна изградбата на нашата држава. Дали може да извлечеме поуки од тие дамнешни времиња…

Да се вратам на Вања. Вања цел живот го красеа мудроста, посветеноста и несомнени спортски предиспозиции, играјќи првенствено фудбал, а во последниве години најчесто тенис низ тениските терени во Скопје, особено на Зајчев рид.

Вања многу убаво и пее, а некои песни кои ги изведува со неговиот прекрасен глас подобро звучат од оригиналните изведувачи.

Во врска со Вања сакам да споменам две случки кои го отсликуваат нашето другарство и нашите заеднички цели
Вања беше алфа и омега во клубот. Тој најмногу време посветуваше на изнаоѓање нови квалитетни ракометарки, претежно од земјите на бившиот Советски сојуз, бившата СФРЈ, Романија, Бугарија и Турција.

Целиот живот го помина во потрага на квалитетен тренер кој што ќе успее да ни ја донесе европската шампионска титула. Јас и Вања во клубот имавме различни улоги. Тој беше „лошиот“, а јас „добриот“ татко на клубот, но како тандем бевме прекрасни.

Посебно ќе ја споменам случката со донесување во клубот на Олга Бујанова, централен напаѓач и Наташа Малахова, денеска Тодоровска, како крилен напаѓач. Кога нивниот тренер Акопјан од Аква, Волгоград на средба во Виена каде се одигруваше турнир, остварена во мое и присуството на Вања, им нареди на девојките:

„Вие ќе одите кај господинот Костовски, нема да одите кај Прокоп, во Хипо. Тој ќе биде идниот ваш татко“. Господинот Акопјан препозна во мене човек од збор и убеден сум дека и денеска овие прекрасни жени ја чувствуваат мојата татковска љубов. Во основа јас бев татко на сите девојки на број 70-80 кои доаѓаа и си заминуваа од клубот, а Вања умееше да ја препознае таа моја димензија и мошне искричиво ме поттурна да се замешам во самата Европска ракометна федерација, со една цел: македонскиот ракомет за мажи/жени да не биде маргинализиран во очите на оваа европска институција.

На тој план и успеавме. Денес во Европската ракометна федерација имаме многу членови од Македонија, кои даваат силна контрибуција на ракометот во светот, а со тоа и на Македонија.

Другата случка ќе ја споменам кога го игравме првото европско финале со Хипо во Скопје. Знаејќи го Вања, знаев дека предвреме стравуваше за тоа што ќе се случи, а тоа беше грубиот напад врз претседателот на Хипо, Гунер Прокоп од страна на навивачите на Ѓорче, по завршувањето на мечот.

После овој натпревар и напад врз господинот Прокоп, Европската ракометарска федерација ни изрече казна со забрана на натпреварувања на национално и клупско ниво во сите селекции во период од една година. Вања целиот растревожен поради ваквата одлука ме праша:

„Пуни што правиме“, а јас му одговорив: „ќе ги задржиме сите ракометарки и тренери и ќе се спремаме, ама сега наоружани со искуство за следното финале на Кометал-Ѓоече Петров“. Организиравме заедничко летување на сите ракометарки со нивните сопрузи и пријатели во тогашното култно летувалиште Сани Бич во Грција. Токму тука успеавме да ги убедиме девојките да не го напуштат Ѓорче, обезбедувајќи им редовни примања и награди кои вообичаено ги примаа. Токму ова летување беше вистински еликсир за сплотување на ракометарките со целата управа на клубот.

Се договоривме, а тоа Вања мошне успешно го направи, познатата навивачка група „Комити“ да биде секогаш осмиот играч на теренот кога натпреварите се играа во Скопје, со елиминација на сите можни инциденти кои би можеле да се случат.

Вања, за тебе можам да пишувам уште многу, меѓутоа просторот ме ограничува. Ќе завршам со фактот: да не беше присутен сиот изминат период во Кометал-Ѓорче Петров, тешко дека ќе дојдевме до титулата!

Секако, јас бев само финансиската и етичката поддршка во клубот. Среќен сум што успеавме во целта Кометал-Ѓорче Петров да стане шампион. Сакам да напоменам дека денес во сите врвни спортови се инвестираат големи пари само со една цел, да се биде шампион.

За жал во календарските години само еден е ШАМПИОН.
Користам прилика да ти предложам да се заземеш малку со новиот ЖРК „Ѓорче Петров“. Тоа е моја, ама и твоја обврска.

Освоените титули од Кометал-Ѓорче Петров ги пренесовме на овој клуб кој е формиран во поново време. Овој клуб стана шампион на Македонија и бележи успеси во сите баражни натпревари до сега.

Да помогнеме заедно со нашите искуства да го вратиме Ѓорче на патеките каде ќе ниже само победи. Вања, ти посакувам долги години здрав спортски живот!“

Previous articleЈaка шминка и сина коса не се вообичаени за пејачката Кристина, изненади со новиот стил, браво (ФОТО)
Next articleШеќерот ми скокна на 30 и ми здодеа да барам посебно столче во ресторан – српската пејачка раскажа како се среди и успеа да влезе во убав фустан