Home News Проф. Трајковски со добри вести: Зимава најверојатно нема да видиме драстично зголемување...

Проф. Трајковски со добри вести: Зимава најверојатно нема да видиме драстично зголемување на бројот на нови случаи

Статус на Дејан Трајковски, професор на битолскиот универзитет:

„07.11.2022. Без претходна најава, ИЈЗ Скопје престана да објавува дневни корона-билтени и премина на неделно известување. Очигледно „короната го прогласиле за ум -рено“, иако сé уште се издаваат решенија за изолација на заразените.

Преносливоста останува минимално под единица, односно ефективниот репродукциски број Rt, со 14-дневно усреднување, моментално изнесува околу 0,94 (на дијаграмот на првата слика).

Со тоа дневните броеви на нови случаи не можат да растат, но многу и не опаѓаат. На дијаграмот на втората слика се гледа одвај забележливо намалување, што може наскоро и сосема да престане.

Сепак, завршувањето на есенскиот бран во западноевропските земји, па и во поблиското соседство (Словенија и Хрватска) ни дава надеж дека можеби ни кај нас нема да видиме некакво позначително зголемување во текот на зимата.

Според региони, моментално во поголемиот дел од земјата имаме режим на спорадично (случајно) заразување, освен можеби во Скопје, Охрид и Прилеп каде што имаме малку поголеми дневни бројки и каде што можеби се работи за извесно верижно заразување. Во овие општини (каде што започнувал растот и во претходните бранови) бројките уште отсега започнуваат по малку и да растат.

Позитивен фактор исто така претставува стекнувањето на суперимунитет поради двојно прележување, како и прележување после вакцинација, а познато е дека овој вид на имунитет трае значително подолго, односно најмалку една година.

Во изминатите 7 дена забележуваме значителен пад кај стапката на позитивни тестови (црвената линија на дијаграмот на третата слика), што исто така претставува добар знак.

Од неповолните фактори можат да се споменат некои понови соеви на вирусот (коишто сепак имаат долги периоди на удвојување на бројот на случаи), како и постепеното опаѓање на колективниот имунитет.

Токму деновиве се навршуваат 5 месеци од почетокот на бранот на подсојот BA5, така што првите инфицирани од јуни веќе го губат имунитетот и одново стануваат подложни на ново заразување.

Моментално се случуваат два процеси – првиот е проширување на колективниот имунитет поради ново заразување, а вториот е намалување на колективниот имунитет поради проток на времето од претходното заразување.

Доколку загубата на колективниот имунитет наскоро ја надмине добивката, можно е да започне постепен раст на бројките, но суперимунитетот сепак би требало значително да го ублажи овој пораст.

Во секој случај, бројот на починати може да биде само помал отколку во претходните бранови.

Бројот на активни случаи минимално е намален, како и бројот на хоспитализирани, којшто од 30 се намали на 25 (на дијаграмот на четвртата слика). Најголема константност следиме кај бројот на починати, којшто во просек изнесува еден дневно на ниво на цела држава.

Овој број можеби реално е дури и помал, бидејќи на крајот од секој бран обично се појавуваат и евидентираат заостанати, односно дополнително откриени смртни случаи во домашни услови.

Збор-два во врска со вакцините. Според една популарна теорија на заговор, вакцинација со петта или шеста доза се вршела само заради продавање на вакцините на компанијата „Фајзер“, односно за остварување профит.

Меѓутоа, деновиве руските научници повикуваат на вакцинација на секои 6 месеци и тоа со руската „непрофитна“ вакцина „Спутник-В“. Ова значи дека сепак профитот не е главен двигател на вакцинацијата, туку болеста е таква што остава краткотраен антителен имунитет, па се потребни чести вакцинации.

Гледајќи ги сé помалите бројки на по чинати, изгледа веќе депласирано толку честото вакцинирање. Научниците можеби би требало да наведат кои групи население подложат на 6-месечно вакцинирање, а кои можат да се препуштат на меморискиот имунитет.

Одржувањето висок титар на антитела во телесните течности, само со цел спречување на било какво заразување, изгледа како една стратегија за дефинитивно искоренување на вирусот од лицето на Земјата.

Меѓутоа, знаејќи колку е тешко, ако не и невозможно, вакцинирањето на 80% од жителите на планетава во рок од само 1-2 месеци, поверојатно е дека вирусот нема никогаш да биде сосема искоренет.

Во секој случај, вакцините досега завршија добра работа (иако со големо задоцнување во случајот на Македонија), пред сé преку намалување на морталитетот кај вакцинираните, а со тоа што ни заштедија едно заразување и скратување на патот до хибриден имунитет (суперимунитет).

Со тоа донекаде ќе придонесат и кон скратувањето на времетраењето на пандемијата на ковид-19 кај нас и во светот.“

Previous articleГи зголеми ли и Ноне усните, објави нова слика за која рече дека свети (ФОТО)
Next articleХарис Џиновиќ и Мелина ептен се сскарале во продавница среде Париз- ова е причината