Home News Отказ за Кашиковски – го „товарат“ дека со службено возило превезувал пици,...

Отказ за Кашиковски – го „товарат“ дека со службено возило превезувал пици, остра реакција од синдикатот

Подолг период трае кризата во скоспкото јавно претпријатие „Водовод“, по кавгата на скоспката градоначалничка Данела Арсовска и партијата која ја поддржа на изборите, ВМРО-ДПМНЕ.

Расправии и кавги ги одбележаа седниците на советот на Град Скопје во изминатиот месец, а јавноста е сведок на невиден циркус кој го приредува пред сè, градоначалничката на Град Скопје.

Се погласни се реакциите на граѓаните, кои заклучуваат дека ова е најнеспособното градско раководство, бидејќи нивните предизборни ветувања не се реализирани, или се работи за само мал процент на реализација.

Кавгата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска, започна по смената на директорот на „Водовод“, Златко Перински, кого Арсовска го обвинји за манипулација со тендери и европски пари.

Нарушена работна атмосфера и натаму го тресе најголемото и најбогатото комунално претпријатие во Македонија, скопски „Водовод“, каде што претседателот на синдикатот, Стојанче Кашиковски, доби отказ.

За Сојузот на синдикатите на Македонија претставува преседан и скандал да му се даде отказ на претседател на синдикат, а денеска Канал 5 пренесува дека извори од Град Скопје кои брифираат дека Кашиковски ги користел службените возила на претпријатието за да разнесува пици од пицеријата на претседателот на ССМ. Службите го откриле преку нивниот GPS систем.

Кашиковски категорично ги демантира ваквите наводи. Претходно, директорот на Водовод, Марјанче Митовски, рече дека Кашиковски е отпуштен со образложение дека не извршувал работни задачи додека користел годишен одмор.

„Апсолутно не е точно, а податоците кои што се дадени во јавноста за користењето односно за следењето преку GPS ја нарушуваат безбедноста бидејќи, меѓудругото, јас сум раководител на одделение за обезбедување во јавното претпријатие Водовод и канализација. Значи со тоа е нарушена безбедноста за водоснабдувањето во Град Скопје.“ рече Кашиковски.

Синдикалните организации ССМ и СУТКОЗ веќе некое време бараат разрешување за директорот Митовски поради, како што велат, своеволие и шерифување кон вработените.

По повод отказот на Кашиковски, денес се огласи лидерот на ССМ, Дарко Димовски:

„Денеска, сите ние сме Стојанче Кашиковски, нападот на еден од нас е напад на сите нас, како синдикалци и синдикати наша должност е кога некој се служи со секакви средства, нечесни, незаконски, нечовечки, недемократски да спречи синдикална активност, да врши притисок врз првиот синдикалец за другите да му се плашат, да застанеме и да се бориме заедно!

Чесната синдикалната борба е препознаена и од политичари и политички партии со кои ние синдикалците и синдикатите не секогаш имаме исти ставови и гледишта за решавање на работничките проблеми, но сите заедно сметаме дека синдикатите мора и треба да бидат гласни во нивната борба, а никој не смее да врши присила и уцена спротивна на слободата на синдикалното здружување пропишана во Конвенциите на МОТ”

Реагираа и од партијата СДСМ:

„Отпуштањето на претседателот на синдикалната организација на ЈП „Водовод и канализација“ Стојанче Кашиковски е незаконско и спротивно на Колективниот договор. И според Законот и според Колективниот договор никој не смее да отпушта претседател на сидникална организација.

Дополнително, ова е силен облик на притисок имајќи предвид дека вработените во ова јавно претпријатие се подготвуваат за штрајк, поради кршење на работничките права. ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска го вратија Град Скопје во најцрните денови од режимот, каде директори на јавни претпријатија незаконски отпуштаат вработени и предизвикуваат колапс во работењето.

Сите надлежни институции да се вклучат во расчистување на незаконскиот отказ на претседателот на синдикалната организација во „Водовод и канализација“.

Previous articleЦел свет му се смее на дечкото на Анастасија Ражнатовиќ – Сестра ти те бацува, мајка ти те рани
Next articleМојот син, време за свадба- Адријана Алачки дотерана и пресреќна со синот Благоја (ФОТО)