Кризата која почна од почетокот на оваа година, поточно од месец февруари, се чувствува во цела Европа, па и во светот воопшто.
Поскапеа енергенсите, пред сe електричната енергија, горивата и гасот, а како последица на тоа, се покачи инфлацијата и цените на најпродаваните производи.
Но, во последниве месеци, се чувствува блага стабилизација на цените, а од пред неколку денови, кај нас цената на горивата достигна најниска цена во последниот период.
Сепак, трговците се чини вештачки ги држат цените на производите на повисоко ниво, за да заработат повеќе.
Пратеникот од редовите на СДСМ, Мартин Костовски, неделава објави статус на неговиот профил на Фејсбук, кој уште е вирален на социјалните мрежи.
-Денеска пазарев основни намирници во еден маркет во Куманово и со сограѓаните пред рафтовите констатиравме дека има сериозна злоупотреба од „големите газди“ и непочитување за намалување на цените, вели Костовски.
Костовски во статусот пишува дека Владата се потрудила со мерки за да се намалат цените, но сепак дел од маркетите гледале само профит.
-Премиерот и Владата направија се, за да се намалат цените и да им се олесни на граѓаните со конкретни мерки.
За „големите газди“-дрски профитери кои прават профит на нашиот грб, ИТНО уште утре да им се направи инспекција, нема веќе ТОЛЕРАНЦИЈА и МОЛК.
Не е нормално некој едвај да се прехрани, некој на мака на народот да прави милиони. Или да ги почитуваат мерките и помош од Владата или да ги означиме јавно и да ги бојкотираме (да не пазариме кај нив) ТРЕТО НЕМА, пишува пратеникот.
Денес Мартин Костовски отиде чекор понатаму, па ги повика инспекторите од утре, понеделник, да се фатат за работа:
„На најниски цени на гориво во регионот и најголема субвенција за струја, трговците уште не ги намалуваат цените, епа почитувани инспектори, утре е понеделник ајде ЈУРИШ во контрола, ВРЕМЕ Е!“