Home Live Се огласија од семејството на Михајловиќ: Ова е прерано и неправедно…

Се огласија од семејството на Михајловиќ: Ова е прерано и неправедно…

Еден од најдобрите српски и југословенски фудбалери и член на шампионската генерација на Црвена звезда, Синиша Михајловиќ, се упокои денес, по долга и тешка болест во 53 година од животот, објави „Газета дело спорт“.

Михајловиќ се упокои во болница во Италија, опкружен со семејството. Неговата здравствена состојба наеднаш се влоши во изминатите денови, иако неколку пати ја победуваше тешката болест, но леукемијата, сепак, засекогаш го згасна неговиот живот.

Роден е на 20 февруари во 1969 година во Вуковар, а професионалната фудбалска кариера ја почна во екипата на Војводина во 1988 година.

Во декември во 1990 година направи трансфер во Црвена звезда за еден милион германски марки, што претставуваше апсолутен рекорд во југословенскиот фудбал.

Во „црвено-белиот“ дрес играше во средината на теренот, а по преселбата во Рома во 1992 година, почна да игра и на позицијата лев бек.

Две години подоцна ја прифати понудата на Лацио, а кариерата ја заврши како член на милански Интер.

Во кариерата освои 16 шампионски трофеи – пет првенствени титули, Купот на шампиони, поранешниот КПК, четири национални купа на Италија, Интерконтиненталниот куп, Суперкуп на Европа и три Суперкупа на Италија.

И денеска е рекордер во Серија А со 28 постигнати голови од слободен удар. Во една прилика во Бразил се подложи на мерење на јачината на шутот и беше утврдено дека топката се движела со брзина од 165 километри на час.

Синиша Михајловиќ имаше 53 години и во текот на кариерата играше за Црвена Звезда, Сампдорија, Лацио и Интер.

Подоцна беше тренер и на повеќе италијански клубови. Пред десет години беше и селектор на Србија, ќе остане запаметен како специјалист за слободни удари.

На социјалните мрежи, неговите познаници, но и јавноста, се простуваат од Михајловиќ. Некогашниот славен фудбалер и директор на Црвена Sвезда, Драган Џајиќ, даде изјава за медиумите.

– Бев маѓепсан со него. Го донесов во Звезда. Се сеќавам кога го видов во Сараево, на подготовките, кај Игман. Веднаш ми се допадна. Кога почна првенството игравме против Војводина, а по натпреварот го повикав во канцеларијата.

Го прашав дали сака да дојде во Звезда. Како од ведро небо, рече дека сака. И ја рашири таа негова заразна насмевка.

Сега, додека ви кажувам, се сетив на таа сцена. Во таа наша прва средба тој ми остави силен впечаток. Подоцна со него бевме шампиони на Европа. Имаше енергија, харизма со која го носеше целиот тим.

Драган Џајиќ за српските медиуми откри дека вчера имал контакт со луѓе од околината на Миха.

– Вчера му се јавив на Мирослав Тањга. Тие се кумови. Ми кажа дека лежел во собата со него, дека Миха е во кома. Дека ситуацијата е тешка.

Драган Џајиќ беше најзаслужен за доаѓањето на Синиша Михајловиќ во Црвена звезда зимата 1990 година од Војводина во Нови Сад.

Зад себе Михајловиќ ги остави сопругата Аријана, ќерките Вирџинија и Викторија и синовите Мирослав, Марко, Душан и Николас.

„Семејството со голема тага ја соопштува неправедната и прераната смрт на својот маж, татко, брат – Синиша Михајловиќ. Извонреден професионалец, достапен и добар кон сите. Храбро се бореше против страшната болест.

Им благодариме на докторите и медицинскиот персонал, како и сестрите кои го следеа со години со многу љубов и почит. Посебно др: Франческо Бонифачи, др. Антонио Курто, проф. Алесандро Рамбалди и др. Лука Маркети.

Синиша секогаш ќе остане со нас. Продолжуваме да живееме со љубовта која ни ја пружи“, објави семејствотo во соопштението кое го пренесуваат италијанските медиуми.

Previous articleОва е последната слика на Синиша Михајловиќ во јавност (ФОТО)
Next articleМанекенката Маја Глигоровска која стана наставничка сега е пак манекенка- носи скапа бунда, а под неа има што да се види (ФОТО)