Home News Проф. Даниловски: Пуштете ги децата да се дружат – контактите со вирусите...

Проф. Даниловски: Пуштете ги децата да се дружат – контактите со вирусите ќе им бидат влог во здрава иднина

Во последниот месец од годината, детските клиники се полни со болни деца, а школите и градинките полупразни. Причина, вируси од различен тип, кои во минатото не предизвикувале толкав број на заболени.

Зошто е тоа така, во интервју за ТВ Сител, објасни нашиот најпознат епидемиолог, проф. д-р Драган Даниловски.

Д-р Даниловски, вели дека се наоѓаме среде сезоната на респираторни инфекции и нивниот зголемен број е за очекување.

Она што е различно оваа сезона, е тоа што сезоната им започна веќе пролетта, што многу е поголем нивниот број од вообичаениот и што е зголемен бројот на потешки случаи кај децата на кои им треба хоспитализација.

Ова не е случај само кај нас, туку насекаде низ светот.

„Велам вирусите наидуваат на ‘домаќин’ со ослабена или отсутна одбрана. Зошто ослабена или отсутна? Во текот на пандемијата, поради мерките (маски, физичка дистанца), отсуствуваа контакти на децата со вообичаените респираторни вируси – синцицијален респираторен вирус (РСВ), грип, параинфлуенца, риновируси, аденовируси и други, нешто што инаку се случува во првите две години од животот и што овозможува имунолошкиот систем на детето да се запознае со нив и да развие специфична одбрана. Сега тоа го немавме.

Имунитетот што бил стекнат, овенал, зашто кратко трае и за да се одржува, потребни му се ‘редовни’ контакти со вирусите. Или воопшто не се формирал. Па така, кога се симнаа мерките и децата (не само децата) почнаа да комуницираат меѓу себе, голема беше веројатноста да се инфицираат. И да добијат потешка клиничка слика.

Исто така, познато е дека детето по раѓањето е заштитено со антитела од мајката, што таа му ги пренесува преку млекото во тек на првите месеци. Сега, мајките немаа што да им пренесат на децата, зашто и тие не доаѓаа во контакт со тие вируси“, истакнува тој.

Ќе се смири состојбата штом се воспостави еколошката рамнотежа, штом ќе го ‘вратиме’ имунитетниот долг. Ќе го враќаме, веројатно, една-две сезони, вели д-р Даниловски. (Фото: Принтскрин од видео)

Намалената изложеност на вакви, ендемични вируси, вели д-р Даниловски, создаде т. н. имунитетен долг (јаз) – отсуство на формирање специфичен имунитет што ќе штити од идна инфекција. Во услови на слободно ширење, инфекциите со РСВ и други вируси станаа побројни, но и потешки. Болницата во Козле е постојано полна, додава тој.

Причина за појавата на зголемен број пневмонии кај децата, според него, веројатно, не е само „имунитетниот долг“ кон респираторните вируси, пред сѐ РСВ.

На подлога на вирусна инфекција лесно се накалемува бактериска инфекција. Поголемиот број вирусни инфекции доведува и до поголем број бактериски респираторни инфекции, често – пневмонии.

Д-р Даниловски во оваа прилика, апелираше, родителите да ги вајцинираат децата со вакцината против морбили, кои исто така се актуелни во овој период од годината.

-Зошто, затоа што морбилите го елиминираат комплетниот имунитет на детето кон разни вируси. За да се спречи тоа, најдобро е децата да се имунизираат против Морбили.

На прашањето на новинарката дали децата сега треба дасе изолираат за да се заштитат од вируси и настинки, проф. Даниловски рече:

-Не, пуштете ги децата да се дружат, да комуницираат и преку размена на микроорганизми да си го стекнат својот имунитет, кој во подоцнежните годи многу ќе им значи.

Знаете како викаа старите – пушти го детето во калта нека си игра, во калта е здравјето, не го чувај во стаклено ѕвоно детето, не му се треси, му правиш лоша услуга, заврши познатиот епидемиолог, во интервјуто кое целосно можете да го погледнете ТУКА.

Previous articleOд сите жени, Пеле најмногу беше вљубен во оваа жена – Ја запознал во лифт (ФОТО)
Next articleЈа отвори душата за својот упoкоен татко, големиот Вардарец и раскажа каков човек бил- Искра си ја отвори душата