Home Live Трифун Костовски откри како ги направил првите пари: Уште тогаш видов дека...

Трифун Костовски откри како ги направил првите пари: Уште тогаш видов дека ме бива за бизнис

Статус на Трифун Костовски: СРЕДНОШКОЛСКИОТ ЏЕПАРЛАК

„Почитувани читатели, моето гимназиско школување се одвиваше во два града, Скопје и Гевгелија. Во Скопје во Гимназијата „Јосип Броз Тито“, а во Гевгелија во Гимназијата „Јосиф Јосифовски Свештарот“.

Заедно со моите другари умеевме да промовираме идеи како да заработиме денар (тогаш динар) повеќе за нашиот џепарлак, така што во времето на моето двеипол годишно школување во Скопје, ние од класот:

Даре, Буцо, Вали и Цане добивме идеја секоја нова година да продаваме честитки.

Во 60-те години од минатиот век, испраќањето на честитка за Нова година беше културен чин на секој добро воспитан поединец да покаже почит кон луѓето кои му значат во животот, адресирајќи честитки со желби за добро здравје и добра иднина.

Немаше семејство кое не испраќаше минимум 40-50 честитки секоја Нова година! Ние другарите водени од принцип „големи бројки со мала заработка“ си правевме концепт како да заработиме џепарлак за претстојната Нова година.

Поставувањето тезги за продавање честитки, на самиот плоштад веднаш пред култната кафеана „Пелистер“, беше дел од нашиот предновогодишен концепт за џепарлак.

Меѓу нас другарите имаше заедничка стратегија како ќе ги продаваме честитките. Едни ќе стојат на тезга, а други ќе шетаат по институции и фирми нудејќи честитки на вработените.

Квалитетот и цените на честитките при набавка и продажба ги утврдуваше Даре. Даре како син на Стојан, познат еснаф во чаршијата, го имаше совладано занаетот како да бидеме актуелни и конкурентни со квалитетот на понудените честитки и нивните цени.

Јас најнапред седев на тезги, меѓутоа во тие зимски денови ми пречеше студот на нозете и рацете и со веќе појавениот чир на моето дванаесетпалачно црево, другарите ме поштедија од таа обврска. Ми дадоа задачата да продавам честитки по фирми и институции.

Можеби ќе ви биде чудно, меѓутоа со продавањето на првите честитки во фирми и институции, почувствував флуид дека мојот личен приод во меѓусебна комуникација со можниот партнер ќе биде мој животен предизвик и судбина.

Мошне успешно продавав честитки и за тие времиња заработувавме солиден џепарлак кој ни овозможуваше комотно да ги поминеме Новогодишните и верски празници, а и за време на зимскиот период да имаме џепарлак за салеп и пиво со помфрит.

Даре беше неуморен работник. Цело време беше во движење од трафика до трафика и успеа да воспостави комуникација со тогашната фирма „Табак“ која имаше ексклузивно право за увоз и дистрибуција на честитки во Македонија. За Даре немаше изговор дека бараната честитка нема да ја најде.

Неговата упорност и доследност и денес се синоними на неговиот личен карактер. Меѓу нас другарите имаше малку понежни од мене, иако не беа поболни.

Мојот другар Буцо беше подложен на прехлади, а мојот другар Валериј кој од петни жили се трудеше да биде дел од нашиот тим, родителите и времето не му дозволуваа да го поминува времето продавајќи честитки на тезги.

Имено, Валериј покрај гимназиските обврски имаше обврска да вежба пијано секој ден по пет часа. Токму пијаното на мојот другар Вали му стана животен сопатник, како професор по пијано и познат пијанист.

Дискусиите кој повеќе или помалку работел на продавање честитки никогаш не беа пречка да се договориме како ќе ја поделиме заработката. При делење на заработката се водевме од двата принципа: вложен труд и солидарност.

Разидување меѓу нас не постоеше по било кој основ, а најмалку материјалниот.

Фундаментите на нашето долгогодишно другарување, кое трае веќе седма деценија, се токму овие спонтани ситуации, случки и настани кои само нè сплотуваа.“

Previous articleПограциозна не била никогаш: Ирена Спировска треба да биде горда на ова дело (ФОТО)
Next articleСе огласија од „Срце на дланка“ – знаеле за минатото на Тале, но потсетуваат на една мудрост: „Кој никогаш не погрешил, нека го фрли првиот камен“