Home News Министерката Тренчевска: Доколку работник биде отпуштен, ќе мора да му се исплати...

Министерката Тренчевска: Доколку работник биде отпуштен, ќе мора да му се исплати надокнада за годишен одмор

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, синоќа изјави дека со нацрт-законите за работни односи и за системот на плати не се кратат работничките права.

Тренчевска во емисијата „Топ тема” на телевизија Телма ги оцени како спинови и невистини реакциите за овие два нацрт-закона и рече дека не знае од каде стравот кај синдикатите за двата закона особено за законот за работни односи кој, како што рече, е работен во консултација со синдикатите.

Според Тренчевска, двата закона ги унапредуваат работничките права.

Како позитивни ги оцени одредбите во законот за работни односи со кои се намалува времетраењето на договорите на определено време од сегашните пет на две години.

– Ова е нацрт-текст на закон, ќе се организираат јавни дебати и секое оставање на можност за различна интерпретација ќе биде дел од јавни дебати, рече Тренчевска, додавајќи дека очекува до средината на февруари да се соберат сите забелешки по овие закони.

Тренчевска не се согласува со оценките на синдикатите дека се суспендира колективното договарање. Ингеренциите што му се даваат на министерот за финансии, од кој треба да се добие позитивно мислење во однос на фискалните импликации од колективниот договор врз буџетот, според Тренчевска, се оправдани.

Доколку не се добие позитивно мислење од министерот за финансии за склучен колективен договор, како што појасни Тренчевска, повторно синдикатот и работодавачот ќе седнат на преговарачка маса.

– Ако министерот не даде позитивно мислење, ќе се седне повторно на преговори сѐ додека не се добие позитивно мислење. Министерот дава мислење само за фискалниот ефект врз буџетот и тоа е нормално, рече Тренчевска.

Во однос на новините во породилното отсуство, Тренчевска повтори дека не се крати ништо од сегашните права. Не се крати сегашното породилно отсуство од девет месеци, туку му се дава можност и на таткото да се вклучи во грижата на своето дете.

Се предвидува мајчинско отсуство од пет месеци во првите месеци од раѓањето на детето, понатаму четири месеци родителско отсуство за мајката и четири месеци родителско отсуство за таткото кои можат да ги користат наизменично или заедно.

Предвидени се и 15 дена татковство, односно од првиот ден на раѓање 15 дена доколку се роди едно дете, а за близнаци или повеќе деца татковство од 20 дена.

Дополнително, имаат право и на неплатено отсуство за двајцата родители во траење од два месеци кои можат да го користат до осумгодишна возраст на детето.

– Работник кај ист работодавач не ќе може повеќе од трипати да склучува анекс на договорот во период од две години, што значи дека нема да потпишува секој месец, појасни Тренчевска.

Се воведува работа од дома и работа од далечина, а новина е и тоа што е тргната горната граница во времетраењето на годишниот одмор, а таа ќе се одредува од синдикатот и работодавачот, преку колективно преговарање.

Придобивка, според Тренчевска, е и тоа што се воведува обврска на работодавачот доколку на работникот му е прекинат договорот за работа, да му биде исплатен годишниот одмор.

Тренчевска ги отфрли и тврдењата дека со нацрт-законот за систем на плати за време на годишниот одмор на работникот ќе му биде исплатена само основната плата. Како што посочи, во основната плата ќе влегува и минатиот труд.

Previous articleJa прашаа Кристина Димитри како ја одржува својата линија, а таа рече: Со маж кој знае да снима и секој ден ве смее (ФОТО)
Next articleЏамбо Агушев не може да мрдне од жена му, раскажа како го проверува на секој настап каде е и што прави