Home Live Војо Димовски: Паметам кога бев малечок, татко ми „другарски“ го беа предупредиле...

Војо Димовски: Паметам кога бев малечок, татко ми „другарски“ го беа предупредиле дека не личи син на директор да оди во црква

Статус на Војо Димовски: Се сеќавам дека кога бев малечок, а сепак доволно возрасен за да паметам, на овој ден станувавме рано.

Со темница, некаде околу 3 часот утрото, со дедо ми и баба ми тргнувавме во парохиската црква Св.Вмч.Георгиј во Горна Влашка маала. Храмовите во тие години беа полупразни.

По некоја стара жена, тука-таму по некој дедо и една рака дечиња.

Радоста беше до Небо кога на најмладите ќе ни облечеа по едно стихарче и ќе ни дадеа да носиме икона в раце.

Знам дека една година токму поради тоа „другарски“ го беа предупредиле татко ми дека не личело синот на директорот да оди в црква и да се облекува како попче (онака како што во демократијава мене ме предупредуваа да не ја користам сопствената глава).

После Богослужбата се светеше вода во малото базенче, кое и ден денес постои во дворот на храмот и во него се положуваше Светиот Крст. После години разбрав зошто толку рано станувавме и зошто Богослужбата требало да заврши најдоцна до 5 часот.

Од комитетите на партијата, наложиле така, за верниците да не се разминат со работниот народ кој во 5,30 масовно иташе кон фабриките. Нормално како што доликува на владеачка класа, со службени возила – скапаните фабрички автобуси.

Паметам дека првата година кога се обнови традицијата на положување на Крстот во водите на езерото, (мислам 1990) со литија тргнавме пешки од Горна Влашка Маала до пристаниште.

Богојавление во мојата меморија се и мирисите на топла ракија, луканци и кисела зелка, покрај огнот во родната куќа и радоста дека дента, славиме именден јас и дедо ми, чие име го носам…

Не бој се мало стадо, зашто вашиот Татко благоволи вам да ви го даде Царството. Бог се јави !“

Previous articleБрена проговори за здравствената состојба на Боба, синот Виктор е многу загрижен за неговиот татко, еве со што се соочува
Next articleЕве што прави Бени Шаќири, откако се крена целата џева околу смената на директорот на МКЦ